„Зад секоја бројка стои нечие дете“ – емотивна порака од Кочани по трагедијата во Бангкок

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“ упати јавно сочувство до семејствата на жртвите од трагичниот пожар во Бангкок, Тајланд, изразувајќи длабока солидарност со нивната болка.
Во своето обраќање, од Здружението истакнуваат дека како семејства кои ја преживеале најголемата човечка трагедија – загубата на дете, брат, сестра или најблизок член од семејството во пожар во објект за забава – добро ја разбираат тежината на ваквата болка и животот што засекогаш се дели на „пред“ и „потоа“.
Тие нагласуваат дека особено ги потресле првичните информации за причините за трагедијата во Тајланд, кои, според досегашните извештаи, потсетуваат на околностите што доведоа до загубата на многу млади животи и во Кочани. Посочуваат на прашања поврзани со законитоста на работењето на објектот, безбедносните стандарди, евакуациските патишта и институционалниот надзор.
Од Здружението испратија пораки на поддршка до сите кои ги загубиле своите најмили, а на повредените им посакаа брзо и успешно закрепнување.
Воедно, тие апелираат институциите целосно и непристрасно да ги утврдат причините за несреќата и одговорноста, со цел вакви трагедии никогаш повеќе да не се повторат.
„Бидејќи зад секоја бројка стои нечие дете, нечие семејство и еден свет што засекогаш исчезнал“, порачуваат од Здружението „16-ти Март 2025 – Кочани“, испраќајќи силна порака дека човечката болка не познава граници.