
Одржана тричасовна трибина вчера, во попладневните часови, во Кочани. Главна тема на дискусија – како да се заштити водата, воздухот и почвата во овој град пронаогајќи ги сите загадувачи. Главен акцент се стави на работењето на кочанската фабрика за хартија „Пејпер мил“. Граѓаните, претставници од невладините организации, претставници од Локалната самоуправа, како и Државниот инспекторат за животна средина имаа можност да дискутираат за проблемите со загадувањето во Кочани и изнаоѓање решение за истото. Поголемо залагање се очекува од институциите.
„На јавната дебата очекуваме да слушнеме нешто повеќе од институциите кои се задолжени за овој проблем и еднаш засекогаш да ги расчистиме дилемите кои ги имаме и поставуваме веќе три години во врска со загадувањето пред сè од фабриката „Пејпер мил“. Секако, нема да застанеме таму, ќе продолжиме да ги расчистуваме сите загадувачи во нашата општина. Што очекувам од оваа јавна дебата? Да се отвори еден конструктивен разговор помеѓу институциите и граѓаните, сè со цел да најдеме едно конечно решение. Се надевам дека ќе чуеме нешто ново и од граѓаните, бидејќи ова е отворено за сите. Досега зборувавме само неколку организации, но вакви средби треба да има многу почесто, бидејќи гласот на граѓаните е основа на демократијата и на живеењето во Кочани. Доколку институциите не ја вршат својата работа, ќе бараме второ или трето решение со кое граѓаните ќе бидат задоволни. Тие не бараат ништо, освен да живеат во чиста средина“, истакна Зоран Тодоров, од НВО „Одбор за здрав живот во Кочани“.
Барањата на невладините организации остануваат исти, од ревизија на А интегрираната дозвола до решавање на отпадните води кои се испуштаат од „Пејпер мил“. Има определени рокови, институциите се добро запознаени и ако не реагираат граѓаните, повторно ќе протестираат и ќе барат начини за решавање на проблемите. Поддршка ќе се бара и од странски амбасади.
„Ќе бидат поднесени до странска амбасада, очекуваме одговор и од таму, бидејќи ние сме самостојна држава и уште од првиот ден аспирациите на нашата држава се Европска Унија. Значи, ние немаме алтернатива. Ако сакаме да се стремиме кон ЕУ, треба да ги почитуваме европските закони и прописи“, вели Влатко Здравков.
Истовремено се очекува и истражување со што ќе се добијат релевантни информации и можност за подобро калкулирање со истите. А проблемот со загадувањето ќе продолжи да се решава не само во Кочани, туку и во општините од крајниот исток кои се наоѓаат во групата градови со загаден воздух.
„Да се слушнат сите страни, да се кажат констатациите. Очекуваме присуство од најповиканите институции, пред сѐ од Министерството за животна средина и просторно планирање, Инспекторатот за животна средина и од страна на фирмата „Пејпер мил“, тука се и граѓанските организации. Очекуваме да се најде начин како да се намали состојбата со загадувањето на воздухот од страна на компанијата „Пејпер мил“. И во овој случај уште еднаш ќе ја потврдам својата заложба за здрава животна средина и чист воздух“, истакна градоначалникот, Љупчо Папазов.
Настанот го поздрави и градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кој истакна дека од големо значење за Кочани е решавање на проблемот со загадувањето.
Лаура Стојанова М-Нет