Заврши летниот трансфер период во македонската одбојка – во машка конкуренција само 27 барања за трансфери

ФОТО: М Нет телевизија

Летниот трансфер период во македонската одбојка е затворен, со тоа што во женска конкуренција до Одбојкарската федерација на Македонија се доставени 66 барања за трансфери односно промена на клуб, а пак во машка кокуренција пристигнале 27 барања за трансфери.

Во женска конкуренција позвучни трансфери се оние на македонските репрезентативки и интернационалки Теа Терзиевска и Тамара Стојанова кои одлучија да се вратат на домашната сцена.

Терзиевска го засили новиот прволигаш Газели Волеј, а пак Стојанова кариерата ја продолжува во Работнички Скопје.

Промени има кај шампионот Јанта Волеј КВ, клубот останува без две репрезентативки, Ива Стојкоска која одлучи кариерата да ја продолжи во Наковски Волеј, а пак Симона Стојановска се враќа во матичниот Пелистер Волеј, клубот од Битола е нов прволигаш и се подготвува за прволигашките предизвици.

Како што веќе објави М Нет телевизија репрезентативецот Стојан Илиев уште на самото отварање на трансфер пазарот беше најавен како засилување на Штип УГД, штипјани се подготвуваат за европското деби. Средниот блокер Филип Лепидовски одлучи да направи промена во својата кариера, па така од редовите на шампионот Струмица се сели во Борец.

Како што информираат од Одбојкарската федерација на Македонија, летниот трансфер период е комплетиран само за играчите кои настапуваат во клубови од националното првенство, додека клубовите имаат можност да ги засилат своите редови со странски играчи или пак, домашни играчи кои имаат статус на интернационалци до октомври. Трансфер рокот на Европската одбојкарска конфедерација е отворен до 6 октомври за дамите, односно до 20 октомври за мажите.

Александар Ванев, М-Нет