
Кочани претстави три млади засилувања, а пак Каменица Саса засилување од Црна Гора за новата сезона во Првата женска фудбалска лига.
Во Кочани беа промовирани Софија Велинова и Вероника Коцева кои се родени 2011 година и Сара Горгиева која е родена 2008 година. Сите три доаѓаат од тимот на ЖФК Фудбал Старс од Кочани.
Се работи за млади и талентирани фудбалери кои се дел од младинските репрезентации на Македонија односно до 15 и 17 години.
Минатата сезона Кочани преку бараж избори опстанок во Првата лига, откако го совлада второлигашот Билјанини Извори, а сега раководството на Кочани гради тим со кој ќе сака да има помирна сезона и директен опстанок, а ќе се потпира генерално на млади играчи надополнети со неколку искусни фудбалерки.
Каменица Саса ја промовираше Анџела Савовиќ, интернационалка од Црна Гора која во македонскиот прволигаш доаѓа од редовите на Сплит. За Савовиќ ова ќе биде враќање во македонскиот фудбал бидејќи минатата сезона настапуваше во есенскиот дел за Вардар на осум натпревари.
22-годишната фудбалерка игра на бековските позиции, а низ кариерата настапуваше и за Будуќност, Младост и Брезница.
Годинава Каменица Саса ќе атакува на двата фронта, освојување на шампионската титула и Куп титулата, за што се гради квалитетен тим, а претходно тимот ја врати и бугарската репрезентативка Антонина Шопска.
Новата сезона Каменица Саса ја отвара против Љуботен во Тетово, а пак Кочани ќе има тежок старт бидејќи ќе гостува кај актуелниот шамшион Скопје.
Александар Ванев, М-Нет