
Жители од карбинското село Козјак мака мачат да дојдат до Штип и да ги завршат основните потреби, да отидат на пазар или до болница. Пред камерите на М-Нет телевизија посочуваат дека јавниот превоз не оди до нивното село, а сега се поретко доаѓа и такси возило. Дополнително на ова е цената за такси услугата која е околу 500 денари во еден правец.
„Оди превозот во Радање заобиколи, нека дојде и до Козјак. Имаме народ кој треба да се качи и да се вози. Одам на доктор, наредната недела на контрола а каде да најдам пари за такси. Дополнително сега и такси не доаѓа, немаме никаков превоз,едно минибусче да испратат ќе бидеме благодарни“ – велат жителите од Козјак.
Претходно имало автобус кој минувал, но денеска триесетина домаќинства се оставени самостојно да се снаоѓаат за да дојдат до градот. Оние кои се повозрасни или немаат кола се соочуваат со вистинска мака, децидни се жителите.
„Во селото има 30 куќи, има народ често доаѓаме за Штип, порано си имавме и автобус. “ – додаваат жителите.
Градскиотлиниски превоз од Општина Штип се движи и на релација до Општина Карбинци односно до село Радање. Дали се размислува за проширување на линиите прашавме воЈП Стипион. Директорот Панче Стефановски посочи дека линијата до Радање е претежно заради учениците. Додаде дека ако има договор со Општина Карбинци, однонсо ако се субвенционира превозот ќе се разгледа можноста за нова линија.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов потврди дека преговорите се во тек и се разгледува економскиот и сите останати аспекти. Дециден е дека жителите на сите населени места ќе добијат превоз, со цел да може да одат брзо и поевтино до градот.
Лаура Стојанова М-Нет