
Жељко Јоксимовиќ ќе пее на годинашната „Штипска Пастрмалијада“. Општина Штип го откри првото големо музичко име за фестивалот, а концертот е закажан за 19 септември на Градскиот стадион.
Организаторите најавуваат вечер исполнета со хитови и одлична атмосфера, со очекувања во Штип да пристигнат посетители од целата држава и од регионот.
По успешното минатогодишно издание, годинава се најавува побогата програма, подобра продукција и повеќе содржини за посетителите.
Од Општина Штип велат дека настапот на Жељко Јоксимовиќ е само почеток и најавуваат дека во наредниот период ќе бидат објавени и останатите музички имиња кои ќе настапат на „Штипска Пастрмалијада 2026“.
Традиционално, покрај музичката програма, посетителите ќе имаат можност да уживаат и во познатата штипска пастрмалија, како и во останатите фестивалски содржини што секоја година привлекуваат илјадници гости.
Концертот на Жељко Јоксимовиќ е закажан за 19 септември на Градскиот стадион во Штип, а организаторите најавуваат дека наскоро ќе ја објават и целосната програма на фестивалот.
Иван Митев, М-Нет