Емотивна победа за Осогово во Втора лига, Брегалница влезе во победнички ритам, станува густо во врвот

Екипата на Осогово стигна до својот 11-ти сезонски триумф откако славеше со 2:0 на домашен терен над Големо Коњари, но овој триумф имаше емотивен момент, бидејќи победата доаѓа на една година од големата трагедија во Кочани, кога на кобниот 16 март 2025 година животот го загубија 63 лица во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Со овој триумф Осогово се израмнува на шестата позиција со Новаци со по 36 бодови, а тимот од Кочани продолжува со успешните резултати како потврда на одличната игра која „жетварите“ ја имаат оваа сезона.

Брегалница влезе во победнички ритам откако во Штип ја доби Саса со 3:1, а притоа останува и натаму на минус три бода од лидерот Охрид, кој со 0:1 славеше над Кожуф во Гевгелија, а пак Шкендија Арачиново со 1:0 го доби радовишки Детонит Плачковица.

Од фаворитите очекувано Скопје имаше највисок триумф откако ја доби Победа со 0:5 во гости.

Беласица очекува ја доби Слога Винциа со 3:0, а пак Тетекс со 2:1 стигна до триумф над Новаци, со што „штофарите“ имаат сигурен бараж, а пак Вардар Неготино конечно стигна до триумф откако со 2:1 ја доби Преспа на домашен терен.

На самата табела доста густо е во врвот каде Охрид со 46 бодови е прв, Шкендија Арачиново е втора со 45 бодови, трет е Скопје со 44 бодови, а пак Брегалница е четврта со 43 бодови. Тимот на Беласица е петти со 40 бодови, останатите екипи се под 40 бодови, односно Новаци и Осогово го делат шесттото место со 36 бодови, а Детонит Плачковица е осми со 35 бодови.

Во бараж зоната е Кожуф со 29 бодови, Тетекс изби на десеттото место со 27 бодови, а пак Каменица Саса е на 11-тото место со 24 бодови.

Во зоната за директно испаѓање во Трета лига нема промени. Вардар Неготино е на 12-тото место со 15 бодови, Преспа е на 13-тото место со 12 бодови, место подолу е Победа со 11 бодови, Слога Виница е претпоследна со осум бодови, на дното е Големо Коњари со четири бодови.

Александар Ванев, М-Нет