Екологистите бараат забрана на пластичните кеси и употреба на биоразградливи

Група на еколошки активисти формираа Иницијатива за забрана на пластични кеси, со цел да извршат притисок врз надлежните без одлагање да донесат законска одредба за забрана на пластичните кеси за пазарење и да воведат нови, вистински биоразградливи, според европските стандарди, а истовремено, кај потрошувачите да се поттикне создавањето навика за користење на платнени торби за повеќекратна употреба.

Забраната на дел од пластичните кеси е мерка за која сегашната Влада изрази намера да ја реализира, велат еколозите.

Ние како еколошко друштво „Виножито“ секако дека се согласуваме и подржуваме иницијативата бидејки сме сведоци дека многу се користат пластичните ќеси и ги има насекаде околу нас а влијаат негативно на животната средина.

Забраната ќе се однесува на пластичните кеси што не се биоразградливи, додека во промет би продолжиле да се пуштаат биоразградливи пластични кеси при што нивната цена би се зголемила на 10 денари. Тоа беше најавено од министерството за животна средина и просторно планирање во декември 2019 година. Овие мерки, предвидени со новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, ќе стапат на сила на 1 јануари 2021 година.

Во меѓувреме, како што тврдат активистите, количеството пластични кеси што се произведува и користи во нашата земја останува екстремно високо.

Според неофициални податоци, кај нас секоја година се користат половина милијарда пластични кеси. Откако еднократно ќе се искористат, тие завршуваат на депониите, каде што се горат, при што го загадуваат ионака загадениот воздух, или се фрлаат по улиците. Така, не само што ја нагрдуваат нашата околина, туку и често завршуваат во водните текови каде што го трујат живиот свет што ги консумира, мешајќи ги за храна, нарушувајќи го синџирот на исхрана што несомнено се одразува и на нашиот квалитет на живот.

Еколозите од Владата бараат во промет да се пуштаат единствено биоразградливи пластични кеси за пазарење, кои ќе ги исполнуваат еколошките стандарди.