Едно починато лице од ковид 19 регистрирано во Кочани, хоспитализирани 64 пациенти

Ковид ситуацијата во општините од истокот држи статус кво. Според извештајот од штипската болница во изминатото деноноќие новопримени се четири пациенти, дома заминал само еден. Со ова бројот на хоспитализирани е 51, од кои 50 на Инфективното и еден на Кожното одделение, но и девет лица на дневна амбуланта. Од хоспитализираните 38 имаат потреба од кислородна поддршкаи се приклучени на апарати за дишење, а вакцинирани се 17 лица. Во последните 24 часа нема починати лица во штипската болница, а слободни се 19 ковид кревети, десет на Инфективното и девет на Кожното одделение, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во Кочани откако се реактивише Интерното одделение како Ковид оддел во изминатото деноноќие е регистрирана една почината пациентка од Кочани на 77 годишна возраст која не била вакцинирана. Во последните 24 часа новопримени се две лица, испишани нема. Со ова бројот на хоспитализирани е 13 од кои 10 се вакцинирани, а тројца се на кислородна поддршка, информираат од болницата.

Во општините од Истокот моментално активни се 450 ковид случаи. Троцифрена е бројката во Кочани и Штип каде има по 147 корона пациенти, а во останатите општини од истокот бројката е двоцифрена.

Според информации од Министерството за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.830.764 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 282.147, бројот на оздравени пациенти е 261.741, на починати е 8.658, а бројот на активни случаи изнесува 11.748.

Лаура Стојанова М-Нет