
Еден милион евра е првичната пресметка за уништената инфраструктура во Делчево по невремето кое го зафати градот пред неколку дена. Градоначалникот Горан Трајковски во телефонски разговор за М-Нет телевизија посочува дека ќе се работи на инфрастурктурата, атмосферската канализација како и регулација на речните водотеци. Овие проценки се веќе доставени до Министерството за транспорти и врски и се очекува во наредните денови да се знае колку средства ќе бидат обезбедени за помош на Делчево.
„Во текот на изминатите денови, во текот на викендот е направена првична порценка за уништената инфраструктура во Делево од невремето. Посебно имаме за инфраструктура, за атмосферски канализации, регулација на речни водотеци и се тоа е доставено до Минисетрството за траснспорт и врски. “ – вели Трајковски.
Во меѓувреме, новите врнежи од дожд носат ризик за свелечиште во градот. Трајковски вели дека екипи се на терен и се прават планови за заштита на најкритичните делови, со цел да не се појави ново свлечиште и да не дојде до нови поплави.
„Имаме во Делчево и едно свлечиште, тоа е на улица Плачковица каде има одреден ризик да не се случи ново свлечиште. Наша екипа од урбанизам е на терен, а правиме и планови како да ги заштитиме најкритичните делови, за да не дојде до нови поплави и штети“ – додава Трајковски.
Наредните десетина дена граѓаните кои претрпеле штета од невремето може да пријавуваат за да бидат обештетени. До сега во локалната самоуправа пристигнале 60 пријави од граѓани, физички лица кои чекаат да бидат обештетени.
Лаура Стојанова М-Нет