Европскиот суд пресуди против фаворизирање на големите партии-Апасиев прашува дали Уставен суд ќе го примени истиот принцип

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, во пресрет на утрешната седница на Уставниот суд отвора прашање за еднаквиот пристап на политичките партии до ресурсите во изборниот процес, повикувајќи се на пресудата на Европскиот суд на правдата во случајот C-294/83 „Зелените против Европскиот парламент“.

Апасиев потсетува дека Европскиот суд на правдата во 1986 година утврдил дека нефер распределбата на финансиските средства за политички субјекти може да создаде „неправедна предност“ и да ја наруши еднаквоста во политичкиот натпревар. Според него, овој европски правен стандард значи дека институциите имаат обврска активно да обезбедат рамноправни услови за учество на сите политички субјекти, а не да дозволат системски механизми што ги фаворизираат веќе етаблираните партии.

,,Во аргументацијата на одлуката, Судот укажа дека државите имаат „позитивна обврска да обезбедат еднаков и правичен пристап до политичките ресурси“! Тоа значи дека институциите не смеат да бидат неутрални, туку мораат да преземат мерки за да ја гарантираат рамноправноста на условите за политички натпревар.” – посочува претседателот на Левица.

„Изборниот систем кој предвидува финансиска поддршка исклучиво или претежно за оние партии кои веќе имаат избрани пратеници создава неправедна фаворизација и неоправдана предност за доминантните субјекти“, наведува Апасиев, додавајќи дека станува збор за прашање на правна еднаквост, а не само за политички став.

„Останува да видиме дали нашите осум актуелни уставни судии утре ќе го почитуваат овој став во однос на Левица“, пишува Апасиев, посочувајќи дека одлуката на Уставниот суд ќе биде тест за примената на принципите на еднаквост и недискриминација во македонскиот изборен систем.

Уставниот суд на Република Македонија на утрешната седница треба да расправа за прашања кои, според Левица, директно се однесуваат на рамноправноста на политичките субјекти и условите за фер политички натпревар.

Текстот Европскиот суд пресуди против фаворизирање на големите партии-Апасиев прашува дали Уставен суд ќе го примени истиот принцип е превземен од МАКФАКС.