Доделени стипендиите на учениците спортисти во општина Штип, директна поддршка за младите за вреднување на нивниот труд

Втора година по ред општина Штип директно ги поддржува учениците спортисти со доделување на стипендии, начин на кој се вредува трудот и посветеноста на младите спортисти, со што им се обезбедува дополнителна поддршка во нивниот дополнителен развој.

Градоначалникот Иван Јорданов, истакна дека на овој начин им се дава силна поддшка на младите спортисти кои се амбасадори на градот и државата.

„Втора година по ред општина Штип ги стипендира најдобрите спортисти во нашиот град, ова е најмалку што можеме да направеме за стимулација и мотивација на спортистите, кои се амбасадори на нашиот град и на нашата држава. Знаете дека низ годините доделувавме и се’ уште доделуваме и од година во година ја зголемуваме поддршката на спортските колективи и спортските клубови, но сметаме дека спортски индивидуи и спортистите се значајни фактори за промоција на спортот за вредување на успесите. Во таа насока втора година по ред одлучивме да доделуваме стипендии спортисти во нашиот град. Ова е одлична можност да се мотивираат овие стипендисти, но и останатите спортисти кои можеби годинава не се опфатени со оваа мерка, но верувам дека ќе бидат стимулирани и мотивирани да се докажуваат, пред се сами да се промовираат, а потоа секако со резултатите кои ќе ги постигнат да бидат забележани и вредувани сите овие резултати“, вели градоначалникот Иван Јорданов.

Оваа година интересот беше поголем во однос на ланската година, минатата година беше доделена 41 стипендија, додека годинава тој број е 56.

„Ова се вредности кои мораме да ги промовираме, мораме да ги прошириме кај секој еден млад човек да спортува, а кога веќе спортува да се труди да биде најдобар во тоа што го прави, на тој начин да споделува едни вистински вредности неопходни за нашето општество. Ова прилика ја користам да им честитам на постигнатите резултати на сите спортски стипендисти да им посакам да го продолжат овој спортски успех и во иднина и да бидат мотив за сите спортисти кои ги следат, а ние да ги следиме нивните успеси и резултати и да бидеме нивна поддршка“, дополни Јорданов.

На Јавниот повик на општина Штип може да аплицират ученици спортисти кои учат на поддрчајето на општина Штип и кои се репрезентативници. Комисијата ги оценуваше врз основа на нивните резултати во училиштето и на спортски план и според тоа беа рангирани за стипендирање.

Вкупно беа доделени 18 стипендии од по 3.000 денари, 31 стипендија во износ од 4.000 денари, пет стипендии од 5.000 денари и две стипендии од 6.000 денари. Стипендиите се доделуваат за период од 12 месеци во годината.

Александар Ванев, М-Нет