„Додека народот пресметува дали има за леб, Владата пресметува уште колку може да не презема ништо“, велат од Левица

„Над 70.000 денари за основните месечни потреби, а минимална плата од едвај 26.000 денари! Ова е катастрофа во која работата не гарантира ниту достоинствен живот. Додека Мицкоски ги разубавува економските показатели со статистички акробации, граѓаните секојдневно се соочуваат со суровата аритметика на сиромаштијата на сè поскапа храна, сè попразни фрижидери и сè подлабоки дупки во домашните буџети“, велат од партијата Левица.

„Најголемиот апсурд е што земјоделецот го продава својот производ за поситни пари, потрошувачот го купува сѐ поскапо, а некој меѓу нив ја собира разликата. Колку посредници заработуваат на грбот на производителите и купувачите? Каде завршува оправданиот трговски трошок, а каде почнува безобразното профитерство?

Министерството за економија, наместо да ги стави под лупа трговските синџири, набавните цени, рабатите, дополнителните давачки и маржите, се однесува како статистичар кој ги евидентира поскапувањата, наместо како институција која располага со механизми да ги спречува злоупотребите и ескалациите. Недозволиво е државата да биде нем набљудувач додека лебот, млекото и јајцата стануваат луксуз!

Ограничувањето на маржите, засилениот инспекциски надзор и контролата на нечесните трговски практики не се никаква економска револуција, туку минимум! Но, за ДПМНЕ и ВРЕДИ очигледно и тој минимум е преголем подвиг. Наместо систематска контрола на формирањето на цените, проверка на неоправданите поскапувања и санкционирање на утврдените злоупотреби, гледаме летаргија и политичко калкулантство.

Левица бара итни, мерливи и континуирани мерки за заштита на животниот стандард – ограничување на маржите кај основните производи, редовна контрола на ценовните калкулации, сузбивање на нелојалните трговски практики и реална заштита на куповната моќ на работниците. Не може народот да биде амортизер на секоја ценовна криза, додека Владата глуми дека пазарот сам ќе ги нахрани гладните!“, се наведува во соопштението на партијата Левица.

Текстот „Додека народот пресметува дали има за леб, Владата пресметува уште колку може да не презема ништо“, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.