
Наместо да се градат болници, расипнички се трошат народните пари, посочија денеска на прес конференција од ВМРО ДПМНЕ. Ова следи откако Министерот за здравство го ракина договорот за изградба на новата клиничка болница во Штип. Од ВМРО посочуваат дека Владата и ресорното министерството го оставаат истокот без соодветна болница и услови за лекување.
„Новата болница во Штип започна да се гради во март 2016 година. Но, оваа неспособна Влада која ја предводи Димитар Ковачевски не прави ништо освен што се занимава со наместени тендери, корупција и криминал.Владата на Ковачевски остави цел регион од околу 300 илјади жители без соодветни услови за лекување, а не се грижи ниту за медицинскиот кадар.Сега има нови оправдувања како не биле почитувани роковите за градба?! Па да ја прашаме власта – кој треба да следи спроведување на договореното и кој треба да постапува? Многу е јасно – тоа се надлежните, министерството за здравство и Владата.Изговорот број два е дека бил пробиен првиот рок во 2018 година, па и вториот во јуни годинава, а во меѓу време Владата ги заборави граѓаните. Очигледно, сега ќе се посветат на нов тендер или барање на друга фирма. А на сите им е јасно како завршува секој тендер во оваа Влада.Оваа нова клиника во Штип првично требаше да чини околу 34 милиони евра, а проектот беше делумно финансиран преку заем од банката на Совет на Европа. Но, банката пред две години се повлече, а финансирањето го продолжи Владата“ – велат од ВМРО ДПМНЕ.
Продолжува праксата за ситно политичко профитирање на чуствителни теми од страна на ДПМНЕ – реагираа од страна на ОО на СДСМ Штип.
„ Во врска со изградбата на новата клиничка болница, единствено што штипјани наследија од ДПМНЕ е криминал во напредна фаза кој впрочем и беше докажан и признат пред судските органи. Јорданов меѓу другото се фотографираше со едно од лицата кое призна вина и ја замајуваше јавноста дека тој допринесел за отстранување на пречките за изградбата. Се поставува прашањето на кој начин и во кое својство Јорданов наводно вршеше “медијација”? Објектот за новата Клиничката болница беше наследена без соодветна проектна документација, бројни пропусти во проектирањето и најбитно од се должничко доверителски спорови помеѓу изведувач и подизведувач. ДПМНЕ остави хаос, а сега се дрзнува да обвинува. СДСМ е партија која води вистинска грижа што се покажува преку бројни инвестиции во опрема, човечки капитал во клиничкиот центар. Наскоро граѓаните од истокот ќе добиваат достоинствена здравствена услуга онака како што заслужуваат. Клиничка болница ќе се доизгради со засилено темпо сега кога конечно дојдовме до конечно раскинување на претходните криминални договори и започнување на постапка за избор на нов изведувач.“ – стои во соопштението од СДСМ Штип.
Лаура Стојанова М-Нет