Доаѓаат подобри денови за Вардар, сметката на клубот ќе биде одблокирана, буџет од 3 милиони евра за следната сезона!

ФОТО: Телевизија М Нет

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар изминатите неколку години мака мачи, помина две сезони во Втората лига, настапуваше по разни стадиони, наместо на Националната арена, со години има блокирана сметка, промена на тренери и управи, но никако не успеа да се издигне.

Но, веројатно конечно ќе го огрее сонце македонскиот фудбалски бренд Вардар и конечно ќе има и подобри денови за најтрофејниот клуб, кој е единствениот клуб од Македонија што има настапувано во групна фаза на некое европско натпреварување во случајот Лига Европа.

Извршниот директор Миленко Неделковски на брифинг со новинарите кажа колкав е долгот на Вардар, а дополнително посочи дека сметката на клубот е одблокирана.

„Декемвриската ревизија која ја направивме покажа дека долгот е многу поголем од она кое претходно ни беше кажано. Кон УЈП клубот должи 3.000.000 евра, кон приватници долгот е 1.400.000 евра, кон ПУИК должиме 200.000 евра. Вкупната сума е нешто под 5.000.000 евра. Одблокираната сметка значи дека во Вардар ќе можат да се слеваат пари од повеќе финансиери бидејќи многу од нив не сакаа да влезат додека клубот има блокирана сметка. Клубот од идната сезона ќе има буџет од 3.000.000 евра, но во таа сума се вклучени и ратите за долгот“, рече Неделковски.

Вардар во пролетниот дел влегува целосно ремонтиран, со многу нови играчи во тимот, а главната фаза ќе ја одработи во Анталија, Турција. Во пролетниот дел клубот има една цел, а тоа подобрување на играта и опстанок во Првата лига.

Александар Ванев, М-Нет