До четири часа се чека на Богородица

Почетокот на летната туристичка сезона и викендот повторно создадоа големи гужви на граничните премини Евзони и Богородица, каде што илјадници патници се соочуваат со повеќечасовни задржувања.

Уште од раните утрински часови, на граничниот премин Евзони беа формирани долги колони возила за влез во Грција. Големиот број туристи кои заминаа кон грчките летувалишта ги преоптоварија капацитетите на преминот, поради што возилата речиси целосно го исполнија меѓуграничниот простор.

Во меѓувреме, од вчера попладне најголемите задржувања се бележат на граничниот премин Богородица, каде што се создадоа километарски колони за влез во Македонија. Според сведоштва на патници објавени на социјалните мрежи, чекањето за пасошка контрола трае и до четири часа. Во колоните има автомобили, автобуси, кампери и мотоцикли, а сообраќајот се одвива забавено.

За разлика од тоа, во спротивниот правец, односно за излез од Македонија и влез во Грција, во моментов нема поголеми задржувања, откако утринските гужви постепено се намалија.

Надлежните апелираат до возачите редовно да ја следат состојбата на граничните премини и, доколку имаат можност, да користат алтернативни премини или патувањето да го планираат надвор од најфреквентните термини. Како дополнителна препорака, се советува патување во доцните вечерни часови, кога, и покрај можните задржувања, високите дневни температури се значително пониски.

Според проценките од терен, засилениот сообраќај и долгите колони на јужната граница се очекува да продолжат и во текот на денот, поради враќањето на туристите и зголемениот број транзитни патници.

Текстот До четири часа се чека на Богородица е превземен од МАКФАКС.