
Во текстилните компании речиси и да нема млади луѓе, а и оние кои работат, а се со просечна возраст од 40 до 50 години може да ја изгубат работата. Ова е заклучокот на Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи кој неодамна посочи дека од земјава заминуваат и странските партнери, што најавува намалување на работата.
„Ние во нашите конфекции сѐ уште имаме луѓе кои се во средни години, да речеме, им треба уште 10 – 15 години до пензија. Ако дојде до поголемо намалување на работата, ќе се случи дел од тие луѓе да останат без работа, а работата е дека и да немаме млади, треба барем овие луѓе да дочекаат достојна пензија и да заминат во пензија“, вели Димитров.
Според Димитров, за намалувањето на работата клучни се два фактори. Едниот е тоа што во услови на криза текстилот секогаш потклекнува прв во однос на побарувачката, а другиот што земјава нема доволно работна сила. Држави кои предничат во однос на работната сила се Мароко и Египет и тоа ги прави попривлечни за странските партнери, иако во однос на цените не се разликуваат многу од нас.
„Тука има две причини, едната е падот на побарувачката во Западна Европа, заради рецесијата, енергетската криза итн., текстилот секогаш прв паѓа во однос на побарувачката. Имаме намалена побарувачка, па со тоа и партнерите немаат доволно работа или ги намалуваат своите капацитети. Тоа директно реагира кај нас, значи се намалува и побарувачката. Друг факт е што кога доаѓаа и бараа капацитети, ние се жалевме дека немаме доволно работна сила, дека Македонија нема млада работна сила која сака да работи во текстилната индустрија, тие тоа го сфатија и заклучија дека немаат иднина овде, во оваа држава“, додава Димитров.
Димитров посочува дека главниот проблем е што недостига млада работна сила. Иако има недостиг на работници, вели Димитров, многу сектори не би вработиле луѓе кои се на возраст од педесетина години.
„Во Македонија има моментално недостиг за целата преработувачка индустрија, дури и во ТИР зоните кои се субвенционирани на еден начин, имаат и тие проблем со млада работна сила, секојдневно слушаме по медиумите дека бараат работници, но никој од нив нема да вработи човек што е 50 – 55 години, сакаат да вработат млади луѓе“, заклучува Димитров.
Компаниите и претходно посочуваа дека едно од решенијата е увоз на странска работна сила, а беше најавено зголемување на квотата на работни дозволи за странци, од 5.000 на 10.000.
Ребека Спасова М-Нет