
Фудбалската репрезентација на Македонија на пауза заминува со нерешени 0:0 на гостувањето кај Шкотска, во натпревар во кој домаќините имаа повеќе од играта и создадоа неколку сериозни шанси, но наидоа на расположениот Столе Димитриевски.
Шкотите уште од почетокот ја презедоа иницијативата, а најголемата опасност кон македонскиот гол ја создадоа во 16. минута, кога Скот МекТоминај излезе сам пред Димитриевски, но нашиот голман со фантастична интервенција спречи водство на домаќините.
Македонија се обиде да возврати преку Љупче Дориев, кој во 13. минута шутираше од далечина, но непрецизно. Сепак, притисокот на Шкотска продолжи, а во 22. минута Киран Тирни со удар со глава за малку не ја погоди целта.
Во 27. минута повторно се истакна Димитриевски, овојпат по ударот со глава на Че Адамс, додека во 29. минута МекТоминај имаше нова добра можност, но шутираше над голот.
Најголемата опасност до крајот на полувремето повторно дојде во 39. и 41. минута. Димитриевски го одбрани ударот на МекТоминај во ситуација еден на еден, а потоа со нова одлична реакција го запре и ударот со глава на Че Адамс.
Македонија засега успева да ја сочува мрежата, пред сè благодарение на сигурниот Димитриевски, но во второто полувреме ќе мора да покаже повеќе и во офанзивниот дел доколку сака да се закани на фаворизираниот домаќин.
Резултат на полувреме: Шкотска – Македонија 0:0.