Детонит Плачковица има нов играч – претставен Костадин Капсаров

Екипата на Детонит Плачковица за пролетната полусезона се засили со Костадин Капсаров кој во радовишкиот тим доаѓа од редовите на Беласица од Струмица.

Се работи за млад и талентиран фудбалер во кој има голем потенцијал, Капсаров е роден 2005 година, а ќе биде големо освежување во редовите на Детонит Плачковица, кој го предводи штипскиот стратег Горан Здравков.

Капсаров во Беласица пристигна летото 2023 година, имаше одлични игри и дресот на струмичката фудбалска гордост го носеше до крајот на есенската полусезона од актуелната сезона. Претходно, тој беше дел од младинските погони на Брера Струмица од каде и потекнува.

Капсаров неколку денови веќе е во тимот од Радовиш, каде тренира со новата екипа и се подготвува за пролетната полусезона на Втората лига.

Радовишани претходно се засилија со Игор Јаневски, Давид Велковски, Давид Дебрешлиоски, Александар Смилков, Филип Манасиевски, Дамјан Масевски, Филип Димоски, Јовица Радевски и Давид Јошески. Детонит Плачковица во пролетниот дел од сезоната ќе настапи во доста изменет лик во однос на претходната полусезона, а со млад и освежен тим радовишани одново се во позиција да напаѓаат за нов бараж. Тимот е на 5. место со 25 бодови, седум помалку во однос на третото место или бараж зоната каде што е Башкими.

Пролетниот дел започнува во сабота со натпреварите од 16. коло, а во рамки на првата пролетна рунда Детонит Плачковица го очекува гостување кај екипата на Новаци.

Александар Ванев, М-Нет