Штипските средношколци државна матура ќе полагаат во амфитеатрите на УГД Штип

Средношколците државна матура ќе полагаат во амфитеатрите на УГД Штип. Ова е со цел учениците да имаат поголем комфор, но и да се намали препишувањето за време на матура. Како што истакна директорката на државниот испитен центар, големиот простор нуди поголеми можности, самите тестатори можат полесно да ги набљудуваат учениците со што ќе има поголема објективност во рализација на државната матура и поголеми достигнувања кај учениците.

„Средните училишта од Општина Штип се изјаснија дека им е потребна поддршка во делот на организирање на просторот. Бидејќи согласно правилата за организирање на матурата, просторот треба да биде раздалеченост меѓу учениците од метар и половина за да можат да работат непречено и да имаме подобра прегледност. Токму затоа и денес сме тука, се обративме до ректорот на универзитетот да ни овозможи и да ни даде поддршка да го користиме универзитетот за реализирање на екстерните испити од државната матура.“ – вели Јовчевска Михајловска.

Во мај и јуни на располагање на средношколците ќе бидат сите амфитеатри со кои располага штипскиот универзитет. Дополнително како што истакна рекоторот Дејан Мираковски, им се помага на средношколците за да постигнат подобри резултати.

„Согласно барањата, универзитетот има голем број амфитеатри во кои имаме од 80 па до 240 места. Такви современи амфитеатри имаме четири на Кампус 4, два на ФОН, еден на Правен, имаме на Економски факултет. Имаме доволно простор за да се сместат сите ученици кои се од училиштата од Штип“ – вели Мираковски.

Подготовките за полагање државна матура во средните училишта е во тек, а ќе се полага кон крајот на месец мај и почетокот на месец јуни.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет