Детонит Плачковица ги започна подготовките и се засили со Дуков и Ѓорѓиевски, подготовките ги започна и амбициозниот Охрид

Екипата на Детонит Плачковица под водство на штипскиот стратег Горан Здравков ги започна подготовките за новата сезона во Втората македонска фудбалска лига.

Радовишани со првата прозивка на Здравков и со првиот треиннг на градскиот стадион во Радовиш означија почеток на летните подготовки за новата сезона која ќе започне на 23 август.

Клубот се засили и со двајца играчи, а во следните денови ќе следуваат уште неколку искусни и проверени имиња во редовите на Детонит Плачковица.

Во Радовиш пситигна Сашко Дуков и Филип Ѓорѓиевски. Искусниот Дуков во Детонит Плачковица доаѓа од Кожуф, тој неколку сезони веќе е меѓу најдобрите стрелци во лигата. Минатата сезона настапи за Кожуф во пролетниот дел и за Охрид во есенскиот дел, а низ својата кариера беше дел од Каменица Саса каде одново беше најдобар стрелец и ги спаси „рударите“ од испаѓање, Пелистер, Росоман, Вардар Неготино, Напредок од Кичево, а меѓународна кариера градеше во ОФК Белград од Србија.

Ѓорѓиевски е млад фудбалер, 22-годишен кој доаѓа од Кожуф, а беше дел од Скопје и Локомотива, а кариерата ја започна во младинските категории на Вардар.

Подготовките ги започна и Охрид, кој во новата сезона има за цел влез во Првата македонска фудбалска лига. Охриѓани досега претставија неколку засилувања како голманот Дамјан Серафимов, браќата Димитриј и Стојан Попоски, Иван Глигоров и Димитриј Димитриевски кои во пакет пристигнаа од штипска Брегалница, потоа со Леонид Кофиловски од Победа и Андреј Симевски од Каменица Саса.

Александар Ванев, М-Нет