Детонит Плачковица во обид да ја запре Шкендија Арачиново, која пак во Радовиш доаѓа по нови три бодови!

На Градскиот стадион во Радовиш во меч од 5. коло на Втората лига ќе се соочат Детонит Плачковица и Шкендија Арачиново во нивно прво меѓусебно соочување.

Радовишани ќе атакуваат на трета победа во новата сезона против тимот од Арачиново кој во новата сезона не знае за пораз и игра во одлична форма.

Домашниот терен и поддршката од публиката ќе биде предност за тимот на Детонит Плачковица да ја запре победничката серија на Шкендија Арачиново, а која во Радовиш ќе атакува на нови три бодови во обид доколку ги освои и да стане осамен лидер, ако конкурентите како Брегалница, Кожуф и Беласица направат кикс и не ги освојат трите бодови.

Детонит Плачковица има две победи над Големо Коњари и Слога Виница и два порази од Тетекс и Беласица, додека пак Шкендија Арачиново има три победи над Преспа, Охрид и Големо Коњари и реми со Скопје во Автокоманда.

Пред почеток на овој натпревар тимот на Детонит Плачковица е на седмата позиција со шест бодови, а пак Шкендија Арачиново со десет бодови е израмнета на врвот од табелата.

Натпреварот се игра во сабота со почеток од 15:30 часот.

Александар Ванев, М-Нет