Дерби на Кочани и Вардар за Прва лига, дерби од дното за прва победа на Борец и Слободен

ФОТО: Александар Ванев, Телевизија М Нет | АРХИВА

Седмото коло од Втората женска фудбалска лига носи два дерби натпревари, дерби за Прва лига и дерби за прва сезонска победа.

Непоразениот лидер Кочани на домашен терен ќе го одигра дербито со второпласираниот Вардар, всушност ова ќе биде дерби кое ќе го одлучи многу веројатно и шампионот, со оглед на тоа ако Кочани триумфира тогаш ќе има пет бодови залиха, а до крајот нема ни каде да загуби Кочани, па во таков случај Вардар одново ќе се подготвува за бараж, откако лани истиот не го помина и остана во Втората лига.

Второто дерби ќе се игра за прва сезонска победа, во Велес се среќаваат Борец кој е во длабока резултатска криза, со катастрофални резултати, па против дебитантот Слободен кој има само еден бод на своето конто ќе бара прва радост и први бодови. За дебитантот од Скопје ова е повеќе од идеална шанса за прва историска победа како второлигаш.

Билјанини Извори на домашен терен во Охрид ќе се соочи против Порече од Македонски Брод во натпревар каде охридскиот тим е фаворит за петто сезонско славје и со тоа да се доближи на само бод од Вардар, ако секако Вардар го загуби дербито во Кочани. Порече ќе има тешко гостување, но ќе се надева на изненадување.

Плачковица во Радовип ќе биде домаќин на Победа Валандово 16 во натпревар каде радовишкиот тим ќе биде фаворит против младиот тим од Валандово. Двете екипи ќе сакаат со триумф да ја затворат есенската полусезона, па тоа ќе биде императив за трите бодови.

Победа Валандово атакува на само втор сезонски триумф, а пак Плачковица ќе ја бара четвртата сезонска радост.

Александар Ванев, М-Нет