
Овој викенд ќе се играат натпреварите од 2. коло на плеј-офот и плеј-аутот на ракометната Супер лига, а која рунда носи две дерби пресметки на конкурентите за титулта.
Големото дерби се игра во Битола каде актуелниот шампион Еурофарм Пелистер ќе игра против Вардар во директна пресметка која битолчани ќе мораат до триумф со цел да не му дозволат на Вардар да се одлепи на плус шест бода, бидејќи сега скопскиот тим има 44 бодови.
Уште едно дерби ќе се игра – во „Билјанини Извори“ ќе се соочат Охрид и Алкалоид, Ова ќе биде дуел на третопласираниот и четвртопласираниот тим. Алкалоид не смее да си дозволи нов пораз, но во „Билјанини Извори“ тешко се освојуваат бодови, а пак охриѓани сакаат продолжува на перфектната победничка форма, а со тоа можност да избијат на второто место ако битолчани го загубат дербито со Вардар.
Во понеатрактивен меч ќе се соочат Тиквеш и Бутел, две екипи кои во плеј-офот ќе водат борба кој да биде петти на табелата.
Во плеј-аутот први бодови ќе бара Радовиш кој ќе гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер 2. Битолскиот тим е голем фаворит за нов триумф и нови бодови против „фенерџијата“ кој за некое коло и официјално ќе испадна во Прва лига.
Прилеп како голем фаворит ќе игра против Куманово, а пак Пролет ќе ја пречека Струга. На овие два мечеви Куманово и Струга ќе бидат под притисок за бодови, бидејќи двете екипи водат борба за да го избегнат претпоследното место кое води кон баражот за опстанок во Супер лигата, бидејќи веќе стана јасно оти Радовиш ќе биде последен и ќе испадне директно во прволигашкото друштво.
Александар Ванев, М-Нет