
Четвртото коло носи ново дерби во Трета лига регион 3, лидерот и лански шампион Победа Валандово ќе гостува во Свети Николе, каде оди на мегдан со Овче Поле, дуел на две екипи кои претендираат за првото место кое води кон баражот за Втора лига.
Свети Николе се подготвува за овој дуел на две екипи кои минатата сезона до последното коло имаа трка за шампионската титула, а тимот од Валандово излезе како победник од истата. Се очекува полн стадион и поддршка за домашниот тим, а билетот за овој натпревар е 100 денари.
Овче Поле не смее да си дозволи „кикс“ и ќе мора да оди на освојување на трите бодови, со цел да продолжи да го напаѓа врвот од табелата, бидејќи во моментот има четири бода негатива, а пак гостинот со победа ќе го потврди првото место.
Ланскиот второлигаш Каменица Саса ќе има незгодно гостување во Берово, каде ќе ги одмери силите со Малеш, тим кој за разлика од минатите сезони, оваа сезона покажува подобра игра и со неколкуте засилувања кои ги има во своите редови може да решава многу работи во првенството.
Дебитантот Огражден кој е хит во првенството го очекува гостува во Виница, каде ќе се соочи со ланскиот второлигаш Слога. Тимот од Ново Село по три кола има три победи и максимални девет бодови на своето конто, а пак Слога Виница која по една сезона во Втора лига испадна експресно во Трета лига, по три кола нема освоено бодови и ќе ги бара своите први бодови.
Тиверија на домашен терен ќе игра локално дерби против Хоризонт Турново, меч каде струмичкиот тим ќе треба да го поправа лошиот впечаток на стартот од сезоната, а пак турновци ќе атакуваат на прва сезонска победа.
Ударник на домашен терен го очекува меч со Брегалница од Делчево. Домаќинот не игра во формата како што беше минатата сезона и ќе се надева на прва победа дури во четвртото коло, а гостинот од Делчево кој е во далеку подобра форма оди на три бода во Пирава.
Александар Ванев, М-Нет