Денеска се слави патронот на македонската црква – празникот Свети Климент Охридски

Македонската православна црква денеска го слави својот патрон празник посветен на Свети Климент Охридски. По тој повод голем број верници беа дел од литургијата која утринава се служеше во црквата која го носи неговото име во штипската населва Сењак. Верниците и денеска со пораки за здравје, мир и бериќет. Празникот се одбележа и во останатите цркви и манастири во Истокот, но и во цела држава.

„Светата црква си спомнува денеска за патронот на нашата Македонска православна црква тоа е Свети Климент Охридски, како што знаеме патрон на нашата света црква, човек кој со својот живот посведочува како треба да се живее“ – вели Арсовски.

Свети Климент се родил околу 840 година некаде во Македонија. Некои историчари сметаат дека се родил во Солун, или во неговата околина, а тоа го поврзуваат со фактот дека уште како млад бил повикан од Светите браќа Кирил и Методија во нивната мисија (што значи дека најверојатно живеел во нивна близина).

Подоцна, тој учествувал и во преведувањето на светите богослужбени книги од грчки на црквенословенски јазик. Заедно со светите браќа отпатувал во Панонија и Моравија, каде живо учестувал во мислијата за словенска богослужба и словенско Православие. Бил еден од истакнатите учители на младенците од Моравија и Панонија, кои се подготувале за свештеници и ѓакони. По смртта на своите свети учители, под притисок на Германците, а по Божја промисла, заедно со другите ученици од Моравија тргнале на југ, како гостин при кнезот Свети Борис Михаил и потоа дошол во охридскиот крај, за да го учи својот народ на божјите вистини. Таму св. Климент прво основал манастир во Белица, кај што му било и првото епископско седиште. Подоцна се преселил во Охрид и оттаму развил голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Неуморно одел од село до село, од град до град и на разбирлив народен јазик со своите проповеди го разгонувал мракот од умот и срцата на своите сонародници.Тој знаел, а и другите постјано ги учел, дека мрзливоста е мајка и учителка на секое зло. Особено настојувал да ја искорени мрзливоста, да ги навикне луѓето на работа, да ги скроти и спитоми жестоките срца, да ги приведе кон покајание и да ги исполни со вистинско знаење за Бога и за блажениот живот на праведниците во царството небесно. Неговиот труд не останал без плод: учениците негови напредувале и во знаење, и во добродетелен живот.

Лаура Стојанова М-Нет