Денеска се празнува Светиот великомаченик Пантелејмон – светецот лекар и чудотворец

Православните верници денеска, 9 август, го празнуваат Светиот великомаченик Пантелејмон, познат како голем исцелител и чудотворец. Празникот се одбележува на 27 јули по стариот календар.
Свети Пантелејмон бил роден во Никомидија, од мајка христијанка по име Евула и татко незнабожец Евсторгиј. Уште како млад ја изучил лекарската наука, а подоцна, благодарение на свештеникот Ермолај, ја примил христијанската вера и бил крстен.
Според житието, Пантелејмон со молитва и со името Христово излекувал еден слеп човек, кого претходно безуспешно го лекувале други лекари. Чудото предизвикало големо внимание, но и завист кај неговите колеги, кои го пријавиле како христијанин.
Пантелејмон бил изведен пред царот Максимијан, каде што отворено ја исповедал својата вера. Пред царот излекувал човек кој долго време страдал од тешка болест, по што многу незнабошци поверувале во Христа.
Поради својата вера, светецот бил подложен на тешки маки. Според преданието, Господ неколкупати чудесно го избавил од страдањата. Во истото време пострадале и свети Ермолај, како и Ермип и Ермократ.
Кога Пантелејмон бил осуден на смрт, клекнал и се помолил. Џелатот го удрил со меч по вратот, но мечот се скршил како да бил од восок. Светителот продолжил со молитвата, а дури откако ја завршил, самиот дозволил да биде погубен.
Свети Пантелејмон пострадал за Христа во 304 година, во својата младост. Според преданието, бил погубен под маслинка, која потоа се закитила со плод.
Неговото име значи „семилостив“, а во православната традиција Свети Пантелејмон е познат како голем исцелител и заштитник на болните. Неговите мошти се почитуваат како исцелителни, а неговото име се споменува и во молитвите на водосвет и маслосвет, заедно со свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци.
Еден од најпознатите храмови посветени на Свети Пантелејмон се наоѓа на Света Гора.