Делчево предновогодишно „светна“, Кочани подготвено за дочек на Новата година во паркот

Со нова елка висока 10 метри се украси центарот на Делчево. Градот предновогдишно светна, а украсени се градскиот парк, неколку мостови и улици. Со ова се создаде новогодишен амбиент во кој може да уживаат сите, пред сѐ најмалите.

„Општина Делчево градот започна да го украсува на почетокот на месец декември. Пред сѐ се користеа украси кои беа подготвени и се во сопственост на Општина Делчево, од изминатите неколку години. Украсен е градскиот парк, украсени се канделабрите и дел од некои учици и мостови. Оваа година се пристапи кон набавка на нова елка која е во висина од 10 метри и за радост на најмладите од Општина Делчево, беше организиран настан на кој свечено се уклучи елката“ – вели Стоименовски.

Во меѓувреме се прават напори предновогодишно да настапат и неколку локални групи со цел да се доживее вистинската предновогодишна атмосфера во Делчево.

„За новогодишната ноќ не планираме никакви настани, но пред Нова Година правиме напори и сме во преговори со неколку локални групи, повторно млади, да настапат и да го подигнат амбиентот за Нова Година“ – вели Стоименовски.

Предновогодишната магија од вчеравечер може да се почувствува и во Кочани. Градот кој претходно беше украсен доби празничен сјај, надополнет со програма за Нова Година. Општината и оваа година организира дочек на Новата година во Паркот на ревулуцијата. Присутните ќе ги забавува Наташа Малинкова.

Празничните денови ќе бидат збогатени и со Новогодишниот базар, како и со забави во периодот од 20 декември 2024 до 14 јануари 2025 година, а музички настан ќе се одржи и по повод божиќните празници.

Лаура Стојанова М-Нет