Дел од штипјани се уште живеат во мизерни услови, Јорданов ветува решавање на проблемите

Животот без основни услови, без вода и струја, кров над глава и топол дом и едвај средства за најосновните производи за преживување е сликата која секојдневно ја живее Трајчо со неговата сопруга. Откако пред неколку месеци куќата каде што живееа тие се запали, отишле да живеат по кририја, но финансиски средства имале само за три месеци. Потоа повторно се враќа назад во куќата во која како што вели тој може да фатат и болести и да си го загрозат своето здравје.

„Оваа куќа тече тука врз нас, немаме струја, вода местеме сами, немам под кирија кај да одам, нема ни каде да живеам со бабата сум сам. Децата некако се снајдеа они се млади, јас не можам“ – вели Мехмедовски.

Мехмедовски вели неколку пати бил и во Општина Штип за да се види со новиот градоначалник и да побара помош и од него, меѓутоа од за него непознати причини ниту еднаш не успеал да разговара со градоначалникот. Тој бара помош од него, истовремено и вработување со цел да не живее во мизерија како до сега.

„Три пати имам одено не ме прима, не знам што како, состаноци… И пред малку бев денеска околу 11 часот одбива. Чекам уште да ме прима да му објаснам дека ние тука сме, ако е градоначалник тој треба да е мајка и татко, треба да ни помогне. Јас не сакам многу, јас сакам само една собичка да имам за да можам да преќивеам“ – додаде Мехмедовски.

Дали овие граѓани ќе добијат помош од стрна на општината го прашавме и првиот човек на Општина Штип Иван Јорданов. Тој вели со дел од граѓаните веќе разговарал, со останатиот дел ќе разговара, но бара трпение за проблемот да се реши.

„Евидентно е дека се наталожени проблемите кој ние ги наследивме и треба да ги решаваме. Јас остварив веќе средба со неколку жители од тој дел од градот кои живееле во опожарени куќи. Нормално е дека наша обврска е да ги решиме овие проблеми, работиме на тоа. Проектот кој беше најавуван години наназад да се реализираат типски куќи се уште не е во завршна фаза, ги опфаќа овие наши сограѓани. Ќе го бараме решението на проблемот со евентуално времено сместување во некои други капацитети “ – кажа Јорданов.

Јорданов посочи дека во периодот кој претстои ќе оставри средба со овие граѓани за да им се презентираат проектите и да се најде решение за нивните проблеми.

Лаура Стојанова М-Нет