
Во завршна фаза реконструкцијата на Домот на млади во Штип. Директорот, Киро Денов, посочи дека била предвидена комплетна обнова, што ќе биде реализирано со завршувањето на активностите. Градоначалникот, Иван Јорданов, пак, напомена дека по истото оваа култна интитуција ќе ја вратат во својот полн сјај.
„Денес заедно со директорот на Домот на млади вршиме увид во завршните активности од реконструкцијата на кровот. Во моментов се заокружува последниот дел од комплетното реновирање и санирање на објектот од Домот на млади. Значи, Домот на млади веќе има комплетно саниран објект, како од надворешен аспект, така и во внатрешноста. Во оваа година беа извршени последните санации во однос на греењето, поставени се клима уреди во малата сала, продолжена е целата конструкција на парно греењето, сега веќе комплетно целиот објект се загрева. Како што можете да видите позади мене, со комплетно нови ќерамиди се завршува реконструкцијата на кровот и веќе нема да имаме проблеми со протекување и настанување дополнителни несакани штети. Во тој дел технички веќе сме солидно опремени за да можеме да ги извршуваме сите наши активности“, додадоа тие.
Покрај речиси завршената реконструкција на објектот, за следната година се планира и обнова на летната тераса, што е предвидено и со Буџетот за 2022 година.
„Планирано е реконструција на дворот во оваа институција, којашто финансиски ќе биде поддржана од Буџетот на Општина Штип и тоа четири милиона, а останатите 2,5 милиона ќе бидат обезбедени од Бирото за регионален развој преку Источно планскиот регион“, истакна Јорданов.
„Се надевам дека по реконструкцијата на дворот, односно летната тераса ќе бидеме комплетно посветени на збогатување на програмата на наше и на задоволство на сите млади во Штип, но и во регионот. И повторно да ја вратиме установата каде што и треба да биде, на пиедесталот во градот Штип“, дополни Денов.
За активностите кои се одвиваа во изминатиов период одвоени се еден милион денари финасиски средства преку ребалансот на буџетот и Советот на Општина Штип.
Ребека Спасова МНет