Дебелината кај децата се поголем здравствен проблем, брзата храна една од причините

Брзата храна се почесто е изборот на најмладите, а последиците се забележуваат и на нивната телесна тежина. Хамбургери, тостови, помфрит и пици се дел од нивното секојдневно мени, надополнети со газирани пијалаци и благо, а кај некои и кафе. Доктор Валентина Митрова од Штип вели дека е многу важно да не се комбинираат лебот со други намирници богати со јаглехидрати, како компир, ориз и тестенини, а за да се спречи зголемувањето на телесната тежина, важна е вели поголема физичка активност.

,,Да се намали внесот на јагле хидратите, ако имаме компир, ориз, макарони, тестенини да не внесуваме леб. Што за жал мислам е честа појава да се косумираат овие две намирници и со тоа се зголемува ризикот за преголема телесна тежина и обезност, ако она што сме го внеле не е потрошено. Физичката активност е најмногу важна, не само за телесната тежина, туку и за здравје и расположение на нас возрасните, но и за разој на децата.“, вели Митрова

Повозрасните граѓани велат дека децата денес се помалку сакаат манџа и домашно зготвена храна, а повеќе ги привлекуваат хамбургерите, пиците и слатките. Според нив, децата пребираат што јадат, а ваквите навики се одразуваат и на нивната телесна тежина.

За децата да имаат поздрави навики, најважно е што почесто на трпезата да има домашно зготвена храна, а помалку брза храна и слатки. Покрај исхраната, важни се и движењето и спортот, за децата да растат здрави и да немаат проблем со вишокот килограми.

Иван Митев, М-Нет