
В недела се играат мечевите од 9. коло на Првата женска фудбалска лига, каде „фенерџијата“ Кочани го очекува уште едно тешко гостување против Вардар, дуел каде скопскиот тим е апсолутен фаворит за впишување на трета сезонска победа и можност за скок до шестото место.
Каменица Саса ќе игра дерби против актуелниот шампион Скопје на Градскиот стадион во Македонска Каменица, меч од капитална важност, три бодови кои многу ќе значат и многу може да променат во самиот врв од табелата.
„Рударките“ не смеат да погрешат ако освојат три бодови ќе го нападат сериозно првото место, позиција од која во моментот имаат четири бода негатива, а пак Скопје ќе мора да ја освои Македонска Каменица и да чека било каков „кикс“ на Љуботен за да може да го презеде врвот од табелата.
Токму Љуботен ќе има незгодно гостување кај Пелистер, битолскиот тим игра во одлична форма потврдувајќи со трето место по осум кола и повеќе од јасно е дека ќе цели на шестиот триумф со кој би можел да избие на првото место, ако Скопје не успеа да слави над Саса.
Во сите овие комбинации влегува и Тиверија Брера, која ако слави над Ас Јунајтед, ќе има 19 бодови и може да направи скок од четвртото место кон погорна позиција во зависност и како другите екипи ќе одиграат.
Ако за позициите од горниот дел е вистински хаос, нешто слично има и во долниот дел. Истатов на домашен терен ќе игра против Речица во дуел каде домаќинот ќе бара излез од резултатската криза, а пак Речица ќе атакува на својата втора сезонска победа и можност да ја напушти бараж зоната по првпат и да биде во зоната за директен опстанок. Притисок има, трите бодови се важни.
Александар Ванев, М-Нет