Двојно зголемен бројот на решенија за присилна наплата на данок на имот во споредба со лани

Вкупно 4024 решенија за присилна наплата на данок на имот има изготвено штипското Одделение за администрирање приходи. Од вкупната бројка, 3020 се однесуваат на неплатен данок на имот од физички лица, а 1004 се за неплатена фирмарина, односно данок на имот од страна на правни лица. Издадени се во 2023 година, а се однесуваат на неплатен долг пред 2023 година. Раководителот на Одделението, Драган Каров, вели дека и Општина Штип кај правните субјекти има проблеми во однос на доставата.

„Решенијата за присилна наплата од претходната година се доставени, но кај фирмите и ние имаме проблем со доставата, со адресите на определени фирми, со гаснењето на фирмите и во тој дел потешко оди доставата, но ги правиме сите напори да биде и таму регулирана доставата и она што не е платено, да се наплати со присилна наплата“, вели Каров.

Каров апелираше физичките и правните лица да го плаќаат данокот на имот, кој се задолжителен и посочи дека овие средства се враќаат преку проекти кај сите. Праксата покажува дека наплатата најчесто се врши на крајот на годината, но добро е и кога обврските се подмируваат тековно.

„Бидејќи овие средства претставуваат дел од основниот буџет на Општината, за реализација на основните проекти кои се планираат на почетокот на година, важно е граѓаните ова да го прават во текот на годината, со што би овозможиле основните проекти да се реализираат навремено и точно“, додава Каров.

Инаку наплатата на данок на имот за 2023 година е за 7% поголема од планираното, имајќи ги предвид и заостанатите долгови, а од тековните решенија за истата година се наплатени околу 65%. Минатата година мерката присилна наплата беше применета на околу 2.000 физички и правни лица.

Ребека Спасова М-Нет