
Во тек е реконструкција на две згради од штипската касарна „Јане Сандански“. Изведувачките активности ќе се одвиваат тековно и постепено со цел да не се наруши текот на работата на единицата. А при денешната посета Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска – Јанковска, потенцираше дека реновирањето се одвива и со забрзано темпо.
„Затоа, во овој период нашиот главен фокус и во поглед на персонал и во поглед на опремување и во поглед на квалитетни услови за работа, навистина, беше Штип. И денес ми е драго што можам да посведочам дека активностите во поглед на сериозното реновирање на две згради од касарната се одвиваат според планот, забрзано и очекувам да бидат завршени сите во предвидените рокови. Имено, во Штип, бидејќи тука ни е сместена нашата, да кажам неформално, НАТО единица, сакаме да обезбедиме и подобри услови за работа на сите припадници. Освен зголемените плати и додатоци, освен што фокусот во опремувањето, оружувањето, заштита, униформи, спортска опрема беше ставен на единицата во Штип, ние и во поглед на вложувањето во инфраструктура покажуваме колку штипската единица и штипската касарна ни се важни“, истакна Министерката.
Министерката додаде дека со доволно младост и искуство, штипската касарна е вистински НАТО капацитет, заземјаќи став дека токму ваквите инвестирања покажуваат дека се ценат нивните труд и храброст.
„Токму во Штип можеме да видиме колку нашето членство во НАТО индиректно влијае на подбрувањето на состојбите во Армијата и шансите коишто ги имаат нејзините припадници. Нам ни беше стратегиски успех што после 30 години успеавме да станеме членка на Алијансата. Меѓутоа, она што ни беше уште поважно е што покажавме дека со паметна политика, со вистински буџетски и политички одлуки можеме, навистина, да обезбедиме далеку подобри услови за работа во Армијата. Во Штип неслучајно решивме да го лоцираме овој НАТО капацитет, лесната пешадиска баталјонска група“, додаде таа.
Предвидено е за неколку месеци единицата да добие комплетно нови и ефикасни објекти, наместо досегашните, стари повеќе од 50 години.
Ребека Спасова МНет