Две бини, полни сместувачки капацитети и уредени штандови – Штип целосно подготвен на ден пред Пастрмајлијадата

Со две поставени бини, уредени штандови и полни сместувачки капацитети, Штип е целосно подготвен за Пастрмајлијадата, ден пред нејзиниот старт. Утре и во сабота се очекува да пристигнат над 60 илјади посетители, како од земјава, така и од регионот и странство.

На градскиот стадион е поставена главната бина, каде што ќе се одржи големиот концертен спектакл, додека втората сцена е поставена на шеталиштето „Ванчо Прќе“. На обете локации ќе има продажба на пастрамајлии, на градскиот стадион унифицирани објекти, а на шеталиштето Ванчо Прќе штандови.

Подготвени се и штипските угостители. Набавени се сите потребни состојки, а подготовките се при самиот крај. Сите се спремни да се покажат како добри домакини за да ги пречекаат гостите и во текот на целиот викенд да им го понудат специјалитетот по кој Штип е надалеку препознатлив.

Голем е и интересот за престој во градот. Сместувачките капацитети се исполнети, а штипјани веќе ги очекуваат и своите блиски, пријатели и гости од другите градови и странство. За многумина од нив, Пастрмајлијадата е повод повторно да се вратат во Штип, да се сретнат со своите најблиски и заедно да го поминат празничниот викенд.

За непречено одвивање на манифестацијата подготвени се и безбедносните мерки. Влезовите кон концертниот простор ќе бидат поделени во повеќе сектори, со цел подобра организација и безбедно движење на посетителите.

Утре започнува Пастрмајлијадата – викендот е резервиран за пастрмајлија, музика и дружење.

Иван Митев, М-Нет