Двајца професори од УГД Штип, избрани за нови членови на МАНУ

Двајца професори од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ станаа нови членови на Македонската академија на науките и уметностите. На 21. изборно собрание на академијата, меѓу новите членови се избрани професорите Блажо Боев и Стојко Стојков од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Проф. д-р Блажо Боев, поранешен ректор на УГД и професор на Факултетот за природни и технички науки, познат по својата работа во рударството, геологијата и минералогијата, е избран за редовен член на МАНУ.

Проф. д-р Стојко Стојков од Факултетот за образовни науки, познат по својата работа во областа на средновековната историја и борбата за човекови и малцински права, е избран за член надвор од работниот состав.

Од МАНУ порачуваат дека новите избори го зајакнуваат научниот и општествениот капацитет на Академијата и придонесуваат за дефинирање на стратешките насоки на државата.

Со овој избор, Универзитетот „Гоце Делчев“ уште еднаш ја потврдува својата улога како центар на знаење и научен развој, чиј квалитет сега е признат и на највисоко академско ниво.

Иван Митев, М-Нет