Два дерби натпревари во Втора лига – какви промени може да има?

В сабота се играат натпреварите од 12. коло на Втората лига кое носи два дерби натпревари на екипи од горниот дел на табелата и на екипи кои претендираат за влез во Првата лига.

На Градскиот стадион во Штип се игра дербито на Истокот меѓу Брегалница и Беласица. Струмичани ќе бараат триумф во Штип по речиси пет години, бидејќи последно во Штип екипата на Беласица славеше на 21 октомври 2020 година со минимлани 0:1 во меч од Купот на Македонија.

„Сините“ на Влатко Костов не се поразени во досегашниот тек од сезоната, а во Штип бодови успеаја да соберат само Кожуф и Детонит Плачковица, две екипи кои одиграа „нула“ против Брегалница во Штип.

Беласица доаѓа со неколку предизвици да го продолжува победничкиот ритам кој во воспостави после трите порази и тренерската смена, а тимот на Панче Стојанов сака да биде првиот кој ќе ја совлада Брегалница. Но, против штипскиот тим ќе биде тешко, Градскиот стадион во Штип важи за тежок терен каде бележат победи, а од друга страна со поддршка од публиката и верната „фаланга“ Костов ќе бара нова победа против Беласица. Ова ќе биде соочување на второпласираната и петтопласираната екипа на табелата.

На „Билјанини Извори“ се игра второто дерби меѓу Охрид и Скопје, исто така дерби на две екипи кои претендираат за влез во Прва лига. Охрид е во победничка форма и на домашен терен ќе бара осмо славје против Скопје, кој исто така се надева на добра игра која ќе му донесе осмо славје.

Овој меч е важен и за двете екипи и сигурно може да направи промени на табелата. Охрид е трет со 24 бодови, а пак Скопје е четврти со 23 бодови.

Победата за „рибарите“ ќе значи и прогрес до второто место ако Брегалница загуби, а пак победа за „пиратите“ ќе значи сигурно трето место и можност да се доближи до Брегалница ако загуби.

Од друга страна Брегалница со триумф над Беласица може да биде нов лидер на табелата ако Шкендија Арачиново загуби на гостувањето кај Вардар Неготино, со реми на тимот од Арачиново, а триумф на Брегалница двете екипи ќе се израмнат на врвот, како што беше до десеттото коло.

Беласица со триумф би имала 25 бодови и може да дојде до трето место ако на „Билјанини Извори“ нема победник, бидејќи Охрид ќе има исто така 25 бодови, а пак Скопје би имал 24. Ако Беласица дојде до три бода во Штип, а притоа бодовите остана во Охрид, тогаш струмичани ќе можат до четвртото место, бидејќи Охрид ќе го задржи третото место, а може да биде и на делба на второто.

Има многу комбинации и математики, а најмногу може да добие лидерот Шкендија Арачиново, ако триумфира над Вардар Неготино, што е за очекување со оглед на преголемата разлика во квалитет, тогаш тимот на Љупчо Марковски – Калц ќе се надева на „киксови“ на конкурентите, евентуално ремија на двата меча или триумф на Беласица, а реми на „Билјанини Извори“ ќе биде голема предност за тимот од Арачиново кој би бил силно мотивиран во 13. коло кога дома ќе го игра дербито со Брегалница и така Шкендија ќе оди чекор напред кон тоа да биде есенски шампион во Втората лига.

Натпреварот меѓу Брегалница и Беласица ќе можете да го следите во живо на М Нет телевизија, сабота од 13 часот.

Александар Ванев, М-Нет