
Три второлигаши досега променија тренер за новата сезона – Новаци, Беласица и Брера Струмица со нови предводници ќе ја стартуваат сезоната.
И натаму има екипи кои имаат испразнето тренерско столче, но и екипи кои размислуваат во насока да направат освежување во стручниот штаб.
Кожуф и Пелистер се екипите кои и натаму немаат решено тренерско прашање. По оставката на Иван Варадиновски, Кожуф остана без тренер и засега официјално клубот од Гевгелија се’ уште е без тренер, додека младиот штипски стратег го презеде Новаци.
По испаѓањето на Пелистер од Прва лига целокупното раководство и стручен штаб си поднесе оставка, со тоа тренерското место на битолскиот тим е празно, па останува на време кога ќе биде договорен нов тренер кој ќе треба да го води Пелистер во новата сезона.
Битолчани ќе имаат само една цел – експресно враќање во Прва лига.
Како што претходно информиравме Беласица за нов тренер го промовираше Мартин Алаѓозовски, а пак Брера Струмица го претстави Ѓорѓе Стојчев. Двата тима се одлучија за домашно решение, наместо за тренер од друга средина. Екипата на Еуромилк ГЛ која е повратник во Втора лига се одлучи да ја продолжи соработката со Јован Трајков, тренерот кој ги врати „лисиците“ во второлигашката конкуренција. Во Осогово нема промени и натаму Крсте Крстев ќе ги води „жетварите“.
Во новата сезона ќе се натпреваруваат 14 екипи, а ако се земе фактот што веќе три екипи променија тренер, а две екипи чекаат да назначат нови тренери, и ако според наши информации не е исклучена можноста за тренерски промени во уште неколку екипи, тоа би значело дека половина од лигата ќе направи рокади на тренерските позиции.
Стартот на второлигашкиот шампионат е закажан за 15 август, првите две позиции водат директно во Прва лига, а третиот ќе игра бараж за Прва лига против осмиот тим од елитата, а пак последните три екипи директно ќе испаднат во Трета лига.
Александар Ванев, М-Нет