Дали слободните 56 работни места во ЈП „Исар“ ќе бидат наменети за партиски послушници?

По објавениот оглас од страна на ЈП „Исар“ за вработување на 56 работника, од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип денес обвинија за згрижување на партиски послушници во пресрет на престојните локални избори. Според нив, локалната власт на чело со Градоначалникот, Сашко Николов, и директорот на ЈП „Исар“, Здравко Коцев, дели решенија пред избори и на тој начин се обидува да го ублажи поразот кој им следува.

„Додека градоначалникот во неговата фамилијарна фирма „Баргала“ реди откази, во приватизираната фирма ЈП„Исар“, заедно со неговиот директор, делат решенија пред избори. Во овие тешки времиња, кога многу фирми пропаѓаат, се отвараат стечајни постапки, а илјадници работници остануваат на улица замислете ЈП „Исар“ денес во дневните печати објавува оглас за вработување на 56 работници. Да биде иронијата поголема, сето ова се случува во време кога ова претпријатие регистрира загуби во своето работење и покажува негативни финансиски резултати. И наместо да се трошат пари за нови вработувања и да се правдаат дека честите дефекти се заради застарената водоводна мрежа, директорот и градоначалникот истите средства можат да ги пренаменат за нова водоводна мрежа. Очигледно полесно е да се владее со закани за исклучување на водата, заради непослушност на цели населби и нови вработувања пред избори“ – истакнаа од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.

Наместо ова, од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип велат дека подобро би било да се погрижат за дел од сограѓаните кои изминатиот период ги изгубија своите работни места.

За ова одговор побаравме и од директорот на ЈП „Исар“, Здравко Коцев.

„Одговор на овој детски прес ќе биде како и обично пред да кажат нешто треба добро да рамислат. Значи овие луѓе што моментално за нив е распишан оглас работат 3,4,5 па и повеќе години, за нив јавното претпријатие издвојува средства како за нивен личен доход така и за нивно осигурување и незнам зошто тоа сега е толку страшно“ – истакна Здравко Коцев, директор на ЈП „Исар“

Тој дополни дека луѓето не се увезени од Бангладеш, па да ги вработуваат, туку се жители на општина Штип, кои во Јавното претпријатие работат повеќе години.

Лаура Стојанова М-Нет