Гужва пред вакциналните пунктови, граѓаните не го почитуваат закажаниот термин

Непридржувањето до закажаниот термин беше причината за гужвата пред Спортската сала „Јордан Мијалков“ . Сликата утринава беше иста и во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“.

„Температурите се малку пониски во раните утрински часови, па граѓаните сакаат да ја избегнат жештината и затоа доаѓаат рано наутро за да бидат ревакцинирани“, истакна Иле Постолов, заменик координатор за вакцинација

Медицинските лица замолуваат и за почитување на редот при примање вакцина. За прва доза граѓаните да се упатат во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, а за ревакцина со закажан термин во Спортската сала „Јордан Мијалков“. Таму вакциналниот пунктот за ревакцинација ќе работи до крајот на месецов.

Инаку, за примање ревакцина за денес има закажано околу 1000 лица и има доволно вакцини за сите заинтересирани граѓани.

„За денес имаме закажано околу 850 пациенти за ревакцина со „Фајзер“, околу 150 вакцини за ревакцина со „Синовак“ и околу 40 пациенти за ревкацинација со „АстраЗенека“. Има и доволно вакцини. Во моментот се вакцинира со „Синовак“.“, додаде Постолов.

Денес продолжува и вакцинацијата на деца од 12 до 18 години со „Фајзер“, која започна вчера. За некои причините се здравствени, други, пак, се вакцинираат за да патуваат.

Теренската вакцинација, пак, денес се одвива во селата Шашаварлија, Кошево и Почивало. Таму медицинскиот тим ќе вакцинира на вакциналните пунктови во тамошните училишта и преку медицинска теренска патронажа. Се планира до крајот на неделава да бидат поминати сите села.

Медицинските лица велат дека на вакциналните пунктови сите ќе бидат услужени, но сепак замолуваат за почитување на термините и протоколите за заштита од Ковид 19.

Според информации од Министерството за здравство, досега вкупно се аплицирани 747.728 дози вакцини, а ревакцинирани се 284.680 граѓани.

Лаура Стојанова МНет