
Ракометниот клуб ГРК Охрид официјално го промовираше Џанфранко Прибетиќ како ново засилување во пресрет на продолжението од сезоната. Хрватскиот репрезентативен пивот стави потпис на договор со охридскиот клуб до 2028 година, со што ГРК Охрид добива значајно засилување во централниот дел од одбраната и нападот.
Прибетиќ има 25 години и е висок 196 сантиметри, а во Охрид пристигнува од една од најсилните ракометни средини во светот – германската Бундеслига. Во својата досегашна кариера настапуваше за Штутгарт и за хрватскиот вицешампион Нексе, каде стекна значајно меѓународно искуство, а зад себе има и настапи во дресот на Хрватска.
Новото засилување на „сино-белите“ не го криеше задоволството од трансферот и јасно ги истакна своите амбиции:
„Многу сум среќен и горд што потпишав за Охрид. Слушнав само убави зборови за клубот и за градот и ми претставува особена чест што сум тука. Се радувам на работата со новата екипа и на предизвиците што нè очекуваат во оваа полусезона. Верувам дека заедно со навивачите ќе ги оствариме целите на клубот“, изјави Прибетиќ.