
Културен настан во организација на Дом на млади Штип. Гости, публика, вработени и позната слика – празно паркинг место нема за никој. Реакција од граѓани пристигна до нашата редакција, велат – во овој дел тешко да се пронајде празно паркинг место. Но, истовремено реакцијата е со негативен став и за директорот Кире Денов. Пред камерите на М-Нет Телевизија тој истакна дека сега просторот е уреден, а паркинг местата се поделени, односно по поставувањето на рампи пред три – четири месеца, има места и за граѓаните да паркираат секојдневно, и за места кои се за потребите на Дом на млади.
„Поради тоа што имавме проблеми во врска со паркирањето, односно кој било од градот, не мора да значи дека е од соседството, паркираше точно пред влезот. Имаше проблеми за достава на роба или што било, блокирано е. Имаме посета, гостите не можат да се паркираат на паркингот кој е првично направен заради тоа. Поради тоа во договор со соседите, еден дел од дворот е блокиран, односно пристапот кон влезот да биде слободен во секој момент за потребите на Домот на млади“, вели Денов.
Од вкупниот број паркинг места кои се околу Дом на млади Штип, директорот вели – помал дел од нив се блокирани, а поголемиот дел се достапни за граѓани.
„Моментално помал дел од паркинг местата се блокирани, односно само тие кои се точно пред влезот. Оние места коишто се слободни се во поголем број. Мора да се наведе дека ова е установа, ова не е приватен простор. Установата во секој момент мора да има пристап, не само за посебни настани, туку и за итни случаи“, додава Денов.
Паркинг услугата во Штип е проблем за кој секојдневно се бара решение. Слободен паркинг простор не само пред Дом на млади или некој друга установа и институција, не може да се пронајде ниту во централното градско подрачје. Решение се ветуваше и преку изградба на катна гаража.
Ребека Спасова М-Нет