
Граѓаните се придржуваат до препораките на лекарите да не излегуваат на сонце во периодот од 10 до 17 часот. Ова го покажува статистиката на штипската Брза помош последните денови. Викендов нема зголемен број на интервенции, ниту на колапси – велат од таму, со што се забележува почитување на мерките и препораките.
“На 13, 14 и 15 јули кога имавме температури над 40 степени немаме зголемен обем на работа. Во просек трите дена има дваесетина домашни посети и околу 60 амбулантски прегледи. Не се бележи ниту зголемен број на колапси. Најчесто пациентите се жалат на главоболки и проблеми со крвниот притисок. Тоа значи дека граѓаните ги почитуваат мерките и препораките, ја примаат редовната терапија и не излегуваат на сонце непотребно“ – велат од брзата помош Штип.
Инаку државата се наоѓа во портокалова фаза до крајот на оваа работна недела. На територијата на државата и денес температурите се движеа околу и над 41 степен, а истото време се прогнозира и за следните денови. Поради топлотниот бран што ja зафати Македонија, Владата одлучи бремените жени и лицата над 60 години да бидат ослободени од работни обврски до четврток.
На работодавците им се препорачува да ги реорганизираат работните активности за да се избегнат градежните и другите физички активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а градинките да не ги изнесуваат децата надвор во тој период од денот.
Лаура Стојанова М-Нет