
Градскиот хор 2019 – Штип го претстави градот под Исарот на Фестивал пред публиката во Турција. На Меѓународниот фестивал „Какава“ за култура и уметност кој е 29. по ред и се одржува по повод празникот на градот членовите на Градскиот хор се претставија со репертоар од неколку македонски народни песни по слободен избор.
„На покана на организаторите ние како Градски хор Штип 2019 ја претставивме општина Штип на Фестивал во турскиот град Киркларели. Членовите на Градскиот хор се претставија со повеќе настапи за време на тридневното гостување. За нас ова е ново искуство, сепак тоа е меѓународен фестивал каде учество земаа повеќе држави. Мислам дека се претставивме во најдобро светло имајќи ги предвид реакциите на публиката“, истакна претседателот на Хорот, Баже Лазаревски.
На Меѓународниот фестивал учествувале учесници од шест балкански држави, а истиот не е од натпреварувачки карактер. Настапите се реализирале на неколку места од градот, а учесниците имале свои активности во областа на фолклорот, уметноста, костимографијата и слично. Претставници од земјите – учеснички биле и на прием кај градоначалникот на Општината.
„Благодарност до организаторите и градоначалникот на Општина Киркларели, затоа што сите трошоци беа покриени од нивна страна, а исто тако и за прекрасниот пречек којшто беше организиран од страна на градоначалникот“, додава Лазаревски.
Дел од активностите кои секоја година се во програмата на Фестивалот се и вклученост во спектакуларното дефиле, посета на културно – историски знаменитости, прием кај градоначалникот и различни настапи.
Ребека Спасова М-Нет