
Ковид – ситуацијата во градинката „Бамби“ во Македонска Каменица – стабилна. Нема ниту позитивни деца, ниту позитивни родители, поради кои и децата одат во изолација. Директорката, Тодорка Велиновска, вели дека досега немале алармантна состојба, единствено некои деца оделе во изолација поради родителите кои биле позитивни на Ковид – 19.
„Ние немаме сега позитивни деца, немаме ни деца во изолација. Пред околу шест месеца имавме, но сега не“, вели Велиновска.
Инаку, во моментов е празна и т.н. листа на чекање која често е практика кога градинките се полнат. Во тој случај проблем е и кога родителите ги запишуваат децата во градинка и ги плаќаат потребите финансиски надоместоци, но детето не оди на училиште. Така се пополнува местото, а листите на чекање стојат полни. Сепак, Велиновска вели дека во моментов немаат таков проблем, бидејќи има деца кои не доаѓаат во градинка поради студеното време, но нема деца кои се на листата на чекање.
„Ние во градинката имаме капацитет од 180 деца, а доаѓаат 150 деца. Немаме ниту едно дете на листата на чекање. Има деца кои не доаѓаат во градинка поради студеното време, но тоа не претставува проблем, бидејќи е празна листата на чекање“, додава Велиновска.
Во овој период од годината поради студеното време, зимските одмори и есенско – зимските инфекции, градинките често се празнат. Пандемијата со Ковид – 19 и моменталниот ковид бран дополнително го намалува бројот на деца во градинките. Токму затоа од градинките ширум државата апелираат на одговорност – доколку кај децата или родителите имаат некакви респираторни симптоми, се препорачува да останат дома.
Ребека Спасова М-Нет