Горан Здравков одново седнува на тренерското столче на Детонит Плачковица

Штипскиот стратег Горан Здравков ќе биде нов тренер на второлигашот Детонит Плачковица од Радовиш, кој доаѓа како наследник на Иван Варадиновски, кој спогодбено си замина од клубот.

Здравков ќе биде нов кормилар на тимот од Радовиш, а за него оваа средина е позната и како играч и како тренер, бидејќи и во минатото Здравков го водеше Детонит, во сезона 2021/2022 кога практично го спаси од испаѓање од Втора лига – Исток во Трета лига – Исток.

Здравков во Радовиш беше промовиран како тренер кој ги удрил темелите на новиот модерен Детонит Плачковица.

„Тренерот кој ги удри темелите на новиот модерен Детонит Плачковица повторно е дел од екипата на Радовиш во мисија да го врати тимот на победничките патеки“, се вели во клупското соопштение по промоцијата на Здравков.

Прв асистент на Здравков ќе биде Драги Коцев, а Драган Иванов ќе биде задолжен за работа со голманите.

Здравков има богата играчка кариера дома, но и во странство, а како тренер ги водеше Каменица Саса, Детонит Плачковица и Брегалница од Штип.

Своето деби на клупата на Детонит Плачковица 43-годишниот стратег ќе го има на мечот против Осогово во Кочани, а во рамки на 4. коло.

Александар Ванев, М-Нет