Голем дефект остави неколку населби без вода, најавено е санирање до попладневните часови

Вчерашниот проблем – решен, денес произлегол нов. Едни граѓани реагираа дека немаат доволно притисок на вода, на други, пак, им пукале цевките од силен притисок. Директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, напомена дека проблемот бил во регулаторот, со кој проблеми се појавувале на две до три години. Меѓутоа, екипите на јавното претпријатие го регулирале притисокот и со тоа го стабилизирале.

„Во делот на населба Осми ноември поточно на булеварот ЈНА имаше проблем во зградите со регулаторот на притисокот. Нашите екипи излегоа на терен и во консултација со граѓаните, речиси на час или два вршеа регулација на тој регулатор, така што во текот на вчерашниот ден е регулирана работата“, рече Здравков.

Сепак, утринава на „фејсбук4 страната на јавното претпријатие имаше известување за прекин во водоснабдувањето во населбите 8 Ноември, Пребег, Железничка, населбите од Индустриска зона, населбата Три Чешми, Исарот, Ново Село, како и дел од централното градско подрачје. Причината е голем дефект на водоводната линија, а жителите од овие населби се очекува да добијат вода за пиење во попладневните часови.

„Утрово имаме голем дефект на водоводната линија во централното градско подрачје, проблемот е лоциран инаши екипи од водовод и канализација се таму Се надевам дека до попладневните часови дефектот ќе биде решен“, додаде Здравков.

Утринава целосно беше прекинато водоснабдувањето во централното градско подрачје, а во другите населби имаше само намален притисок, за потоа да има целосен прекин и таму.

Ребека Спасова М-Нет