
100-годишнината од раѓањето на штипскиот и македонски поет Ацо Шопов ќе се одбележи со низа настани под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Програмата за чествување на големиот јубилеј во 2023 година предвидува бројни културно-образовни содржини во текот на целата година: мултимедијална уметничка изложба, омаж на Шопов во рамки на филмскиот фестивал Флипбук, предавање и лекторски часови по литература посветени на делото на Шопов, меѓународно чествување во рамки на Струшките вечери на поезијата, гала претстава, промоција на неговите книги, публикации како и научни собири во негова чест.
Почетокот на чествувањето ќе се одбележи месецов со објавувањето на избор од поезијата на Шопов со препев на англиски јазик во Меѓународното водечко спиесание за литература „Асимптот“. Песните се објавени и на македонски, а една од нив може да се слушне во интерпретација на македонскиот актер Никола Ристановски.
Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, чествувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов, е во соработка со Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО, којашто ја поддржа иницијативата за година во чест на Шопов.
Ребека Спасова М-Нет