ГКК Штип продолжува да се засилува, Американецот Лангстон Лав пристигна во „Џексон“!

ГКК Штип го комплетира третото странско засилување за новата сезона. Нов член на штипскиот кошаркарски клуб е американскиот бек Лангстон Лав, кој во Штип пристигнува со сериозно колеџ-искуство од една од најсилните кошаркарски средини во светот – американската НЦАА.
Лав доаѓа од американската сојузна држава Тексас, а во досегашната кариера настапувал за универзитетските екипи на Бејлор и Џорџтаун, каде што имал можност да се докажува на високо натпреварувачко ниво.

Посебно се издвојува неговиот учинок во сезоната 2023/24, кога во дресот на Бејлор, и покрај тоа што сите натпревари ги започнувал од клупата, бележел просек од 11 поени по натпревар. Тоа доволно говори за неговиот офанзивен потенцијал и способноста да придонесува за екипата.
Со ангажманот на Лангстон Лав, ГКК Штип добива уште едно интернационално засилување во обидот да состави конкурентен тим за предизвиците во Суперлигата.