
Кошаркарите на ГКК Штип влегуваат во одличен победнички ритам, а нов предизвик за нив е екипата на Скопје, против која денеска од 17 часот ќе ги одмерат силите во натпревар од македонската Суперлига.
Штипјани имаат одлична причина за оптимизам пред овој дуел, откако во последните две кола забележаа две значајни победи. На домашен терен ја совладаа екипата на Струмица, а потоа приредија уште еден одличен резултат, триумфирајќи и на гостувањето кај Пелистер во Битола.
Овие два резултати се дополнителен мотив за избраниците на стручниот штаб, кои ќе имаат можност пред својата публика да ја продолжат победничката серија и да потврдат дека ГКК Штип станува сè посериозен фактор во домашното првенство.
Но, Скопје сигурно нема да дојде во Штип со бело знаме. Се очекува интересен и борбен натпревар, во кој поддршката од трибините во спортскиот центар „Џексон“ може да биде дополнителен ветер во грб за домашниот состав.